Category Archives: АКТУЕЛНО
Инвеститорот гради, Охрид во кал

Инвеститорот на Универзитетот за информатички технологии Св.Апостол Павле Охрид воопшто не се грижи за јавната чистота.
На улиците околу објектот има кубици кал и воопшто не се превземени активности согласно законот за градба според кој инвеститорот е задолжен за одржување на хигиената на пристапните патишта од возилата кои влегуваат и излегуваат од градилиштето.
Истиот е пријавен и на лице место се излезени комуналната инспекција и сообраќајната полиција, но останува грдата слика која ја видоа охриѓани.
Уште два нови дрвореди

Ј.П.Охридски Комуналец продолжува со реализирање на програмата за подигнување на нови дрвореди на сообраќајници и парковски површини, како и реконструкција на постоечките дрвореди. Изминативе денови интензивно се работеше на оформување на нови дрвореди во нас.„Охридати„ (дел од ул.„Славеј Планина„), како и во нас.Даљан„ по ул.„Миќо Гилиќ„. Засадени се 30 листокапни дрвја од видот јасен.
Следни зацртани локации каде е планирано никнување на нови дрвореди е во „Станбен комплекс Расадник„ и крак од ул.„Партизанска„.
Само декларативна заложба за заштита на Охридското Езеро

Не помина многу време од Меѓународниот ден за заштита на водите, а водите на Охридското Езеро повторно го исфрлија сиот “срам” на охридскиот кеј. Ова без исклучок се случува секогаш после секој посилен ветар.
Денеска работниците на Ј.П. “Охридски Комуналец” од 6 часот утринава подигнаа 25m3 отпад кој воглавно се состои од комунален отпад. Она што може да се забележие дека најверојатно комуналниот отпад доаѓа од соседната Р.Албанија, што може да се забележи на етикетите на комуналниот отпад.
Очигледно декларативните заложби и скапите семинари не даваат резултат. Апелираме да се преземат конкретни мерки за заштита на Охридското Езеро , бидејќи очигледно од година на година се зголемува загадувањето со комунален отпад .
Трошоците за чистење на езерото на ваков начин се големи и паѓаат на товар на Ј.П. “Охридски Комуналец”.
ИНТЕНЗИВНО СЕ СРЕДУВААТ ДРВОРЕДИТЕ И ТРОТОАРИТЕ

Општина Охрид заедно со ЈП “Охридски Комуналец“ деновиве интензивно ги средуваат дрворедите и дел од тротоарите во градот. Ваквите активности се неопходни за подобрување на хортикултурното уредување на јавните површини и за подобрување на условите за движење на пешаците. Акцијата продолжува и натаму, а ќе се одвива кога временските услови ќе го дозволуваат тоа.
Во месец јануари-2013 год. реконструиран е дрворедот на улиците „Јане Сандански„ и „Булевар Туристичка„, а денеска со санациони активности беше опфатен дрворедот на ул.„Марко Цепенков„. Засадени се 60 нови садници од видот јасен, а планирано е да се засадат вкупно околу 200 садници на целата територија на општина Охрид. Во наредните денови ќе бидат реконструирани дрворедите по ул.„АСНОМ„ и во насeлба Даљан.
Расчистен патниот правец до Корита

Екипите на Ј.П.„Охридски Комуналец„ во текот на вчерашниот ден го расчистија патот до месноста Корита на Галичица. Патот е расчистен од снежните наноси и прооден за лесни патнички возила. Охрид е привлечен за туристите не само во летниот период, туку и во зимскиот период , и навистина ќе е жално ако нашите сограѓани и туристите не уживаат во природните убавини на Галичица. Иако одржувањето на овој патен правец е во надлежност на „Македонија пат„, во интерес на граѓаните и бројните љубители на природата се спроведе расчистувањето на патниот правец до познатото излетничко место.
Отворете го следниот линк :
Реконструкција на дрворедот на „Булевар Туристичка„

Екипите на „Паркови и зеленило„ продолжија со акцијата за уредување на дрворедите во градот. Улицата „Јане Сандански„ е завршена, а од денес се уредува дрворедот по „Булевар Туристичка„. На потегот од новиот кружен тек до спортската сала се изврши кастрење и кроење на гранките, како и сечење на старите, суви и уништени гранки, согласно претходна проценка од наши стручни лица.
Засадени се и 4 нови садници од видот јавор. Во наредните денови се продолжува со другите делови од „Булевар Туристичка„ кои ќе се уредуваат етапно.
Со снежните врнежи екипите на Комуналец мобилни

Со утринските врнежи од снег екипите на Комуналец веднаш излегоа на терен. За непречено движење на пешаците рачно се расчистуваа најфреквентните тротоари, пешачки премини и пристапни патеки до училишта, градинки и други институции, а се интервенираше со специјална механизација по коловозите каде поради специфичноста на теренот е отежнато одвивањето на сообраќајот. Заради високата снежна покривка која во повисоките планински места изнесуваше околу 30цм се интервенираше со специјална механизација во приградските населби: Велестово, Рамне и Елшани. Екипите остануваат мобилни со оглед на најавените врнежи кои ќе траат до сабота.
Се расчистува потегот до Св.Стефан

После минатонеделната акција за расчистување на просторот околу магистралниот пат до аеродромот во Охрид, денес се расчистуваше појасот околу магистралниот пат Охрид-Св.Наум, на потегот од „Хидробиолошки завод„ до населба „Св.Стефан„. Ангажирани беа 10 работници, а подигнати се 50 вреќи комунален отпад, во најголем процент пластика и хартија.
Во изминатите денови подигнати 30м3 отпад од кејот

Изминатава недела заради нестабилните временски услови кои беа пропратени со силен ветер од јужен правец, „Охридски Комуналец„ имаше вонредни активности за расчистување на кејот и пристаништето од наноси од отпад кои ги исфрлаа езерските води.Во изминативе четири дена подигнати се околу 30м3 отпад.
Загрижува фактот што покрај трска, езерото исфрли големи количини комунален отпад од мини-депонии кои евидентно не се на територијата на општина Охрид и претставуваат опасност за езерото и еко-системот.
Акција за чистење на магистралниот пат од аеродром до Охрид

Почнувајќи од 16.01.2013 год. (среда), Ј.П.„Охридски Комуналец“ започна акција за расчистување на расфрланиот отпад (градежен шут и друг цврст отпад) покрај магистралниот пат Охрид-Скопје, на потегот од надвозникот кај влезот во Охрид до аеродромот. Иако надлежно за одржување на магистралните патишта е државното јавно претпријатие „ Македонија пат“, грдата слика на расфрлан отпад на влезот во нашиот туристички центар не треба да е пред очите на граѓаните. Затоа нашето претпријатие со сопствени средства, вработени и механизација го расчистува овој потег. Поради големите количини на отпад, во првиот ден од акцијата се расчистуваше потегот од надвозникот до „Св.Еразмо„ и подигнати се околу 80 вреќи отпад, а во наредните денови ќе се продолжи до аеродромот.
вака изгледаше појасот покрај магистралниот пат пред акцијата
во текот на вчерашниот ден собрани се 80 вреќи отпад
По силниот ветер вонредно се чисти кејот

Големото невреме кое синоќа го зафати охридскиот регион, проследено со силен ветер, од езерските води исфрли големи количини отпад на кејот и пристаништето. Екипите на „Јавна Хигиена„ од раните утрински часови се на терен расчистувајќи го натрупаниот отпад, каде најзастапена е трска и пластика. Подигнати се околу 10 м3 отпад.
Традиционално за Василица во Комуналец се бараше паричка

Верскиот празник Василица- Стара Нова Година го одбележаа и вработените во Ј.П.”Охридски Комуналец” со вртење на василичарска пита. Негувајќи ги традиционалните обичаи за охридскиот крај, се бараше паричка во пита која според верувањата на оној на кој ќе му падне , новата година ќе му биде среќна и бериќетна.
Оваа 2013 година ќе биде среќна и успешна за Рената Кочоска која имаше среќа паричката да падне кај неа.