Category Archives: АКТУЕЛНО
Расчистена плажата Лабино

Плажата Лабино која е лоцирана под пешачката патека која ги поврзува Св.Јован Канео и месноста Грашница е расчистена.
Во расчистувањето беа ангажирани 6 комунални работници кои извршија отстранување на ниската жбунеста вегетација и сечење на надвиснатите гранки од околните дрвја, со што се зголеми корисниот простор кој туристите можат да го користат за плажа. Потоа се собра отпадот (пластични шишиња, најлон-кеси, картонска амбалажа и др.) кој капачите го оставаат зад себе.
Полигонот расчистен, чаршијата се миеше со шмрк

Ј.П.Охридски Комуналец спроведе акција за темелно чистење на чаршијата со миење со шмрк и метење. Акцијата започна во 02.00 часот после полноќ и траеше до 07.00 часот утрово, а беше опфатен потегот од плоштадот „Крушевска Република„ кај Чинарот до плоштадот кај споменикот Св.Климент Охридски. Ангажирани беа 3 вработени кои со шмрк извршија темелно миење на гранитните плочки по чаршијата, а потоа 4 метачи го собраа отпадот.
По барање на Ј.П.„Билјанини Извори„ кое стопанисува со паркинг-просторот на локацијата на поранешниот полигон за мали спортови во центарот на градот, се расчисти целиот простор (паркинг локациите, поранешните трибини и околниот простор) каде се собраа големи количини комунален отпад (пластични шишиња, картонска амбалажа и др.)
Се расчистува патот до Скребатно и дворот од Историски архив

Екипите на „Паркови и зеленило„ го расчистуваат патниот правец с.Лескоец, кај Скребатско Маало до с.Скребатно. Ангажирани се 4 работници кои ги отстрануваат гранките од дрвјата и жбунестата вегетација која го попречува нормалното движење на пешаците и возилата, а тревата се коси.
Дворот од историскиот архив лоциран на ул.„Никола Карев„ хортикултурно се уредува од обраснатата трева , а крошните од дрвјата се уредени.
пред
Градскиот парк тековно се одржува со косење на тревните површини и поинтензивно наводнување заради високите температури.
Чаршијата се чисти од гуми за џвакање

Екипите на „Јавна хигиена„ денес реализираа акција за отстранување на гумите за џвакање од мермерните плочи по градската чаршија, на потегот од плоштадот „Св.Климент Охридски„ до плоштадот „Крушевска Република„ кај Чинарот. Акцијата се спроведе со почеток во 2.00 часот по полноќ, до 08.00 часот наутро, заради помала фреквенција на движење по чаршијата. Во одстранувањето на гумите за џвакање беа ангажирани 5 комунални работници со специјални алатки.
Одржувањето на јавната чистота е континуиран процес кој обезбедува квалитетно чистење на јавните површини и отворените простори заради обезбедување на здрава и чиста животна средина. Во Законот за јавна чистота, меѓу другото, строго е забрането
– фрлање и оставање на хартија, опушоци, мастики, амбалажи, земја, отпадоци
и истото се санкционира.
Се расчистува Стар Град пред почетокот на „Охридско лето„

Пред почетокот на културно-уметничката манифестација „Охридско лето„ Ј.П.„Охридски Комуналец„ реализира акција за уредување и расчистување на стариот дел од градот. Се коси тревата во близина на сцената на Античкиот театар и летната сцена на катедралната црква Св.Софија. Сите пристапни улици и сокачиња се расчистени и искосена е тревата покрај коловозот на патот кој води од Втор Чинар до Горна Порта, од Горна Порта до ул.„Крум Точко„ и ул.„Илинденска„. За време на отворањето на фестивалот ќе бидат ангажирани дежурни екипи кои ќе делуваат на пристапните улици и околу Антички театар заради одржување на поголемо ниво на хигиена.
Генералка во У.З.12.Гоце Делчев, се коси на Марко Цепенков, Мирка Гинова и Крум Точко

Екипите на „Јавна хигиена„ и „Паркови и зеленило„ на повеќе локации во градот ја одржуваат јавната хигиена и јавното зеленило: генерално се чисти во У.З.12 „Гоце Делчев„ (населба „Бараки„), а се коси тревата покрај пешачките патеки и коловозот на ул.„Марко Цепенков„ , „Мирка Гинова„, „Крум Точко„ .
На ул.„Димитар Влахов„ каде естетски се уредува дрворедот од лигуструми, дел од неодамна засадените садници се украдени , а една од железните огради е турната со моторно возило. Намерното уништување на јавните добра не оди во прилог на граѓаните, па затоа апелираме на секој можен начин да се спречи деградирањето и уништувањето на истите.
Во Лагадин комуналниот отпад ќе се подигнува во вторник и петок

Ј.П.”Охридски Комуналец”-Охрид ги известува жителите чии индивидуално-станбени објекти се наоѓаат во туристичката населба Лагадин дека во летната сезона комуналниот отпад од овој дел на градот ќе се подигнува два пати неделно и тоа во деновите вторник и петок. Граѓаните се должни да го почитуваат комуналниот ред и уредно да го депонираат отпадот.
Интензивно ангажирани на повеќе локации…

Хортикултурно е уреден кружниот тек помеѓу „Булевар Туристичка„ и ул„Бистрица„ каде се засадени зимзелени грмушки и цветен расад .
Наши екипи активно се вклучени во завршните зафати околу уредувањето на пешачката патека кон Горица каде се поставуваат клупи.
Темелно е расчистен и искосен „Паркот на пријателство„ лоциран на пешачката патека кон Горица.
Оваа седмица со косење и метење се опфатени селата: Лескоец, Косел и Велгошти , а наредната седмица ќе се опфатат Горно Лакочереј, Долно Лакочереј и Подмоље.
Екипите на „Јавна хигиена„ на 04.07.2015 год. (сабота) ќе спроведат акција за расчистување на комплексот Св.Наум по завршувањето на празнувањето на големиот верски празник , каде ќе бидат ангажирани 15 комунални работници.
Се уредува Долни Сарај

Пред почетокот на културно-уметничките манифестации кои на најрепрезентативен начин го претставуваат Охрид во текот на туристичката сезона, Ј.П.Охридски Комуналец превзема вонредни активности за зголемување на хигиената на локациите каде ќе се реализираат манифестациите.
Пред почетокот на „Балканскиот фестивал на народни песни и ора„ темелно се расчистува локацијата „Долни Сарај„: просторот од летната сцена и паркинг-просторот се расчистува од расфрланиот отпад, а околниот простор хортикултурно се уредува со косење на тревата и кастрење на суви и надвиснати гранки. Во овие активности ангажирани се 10 вработени од „Јавна хигиена„ и „Паркови и зеленило„.
Од активностите на „Охридски комуналец„ …

Во рамките на активностите кои ги реализира локалната самоуправа за изградба на пешачката патека од каналот Студенчишта до Горица, нашето претпријатие ги започна активностите за хортикултурно уредување на бетонските жардињери кои се поставени на овој потег (вкупно 7 жардињери). Истите се исполнети со плодна земја, поставен е систем за наводнување, се засадуваат листопадни дрвја од видот „каталпа„ , се формираат цветни леи од сезонско цвеќе и се засадуваат декоративни зимзелени грмушки.
Повторно е забележано уништување на засадените палми во скејт-паркот каде насилници се обиделе да откорнат една од палмите. Пред два дена на истата локација една палма беше откорната и фрлена во близина.
На ул.„Димитар Влахов„ етапно продолжуваат активностите за естетското уредување на постоечкиот дрворед од лигуструми ( во правец кон ул.„Македонски просветители„) : се поставува украсна ограда, систем за наводнување, а просторот околу лигуструмите хортикултурно се уредува.
Во рамките на годишната програма за одржување на јавното зеленило и јавната чистота, се уредува ул.„Ристо Чадо„ каде тревниот дел покрај коловозот се коси, улицата темелно се мети и се расчистува расфрланиот отпад.
Од 29.06.2015 год. комуналниот отпад ќе се подига од 06.00 часот

Ј.П.„Охридски Комуналец„-Охрид ги известува корисниците на своите услуги – физички и правни субјекти, дека во периодот 29.06.2015 год. до 31.08.2015 год. комуналниот отпад ќе се подига од 06.00 часот наутро.
Овие активности се спроведуваат со цел за време на туристичкиот шпиц нивото на услужната хигиена да се одржи на највисоко ниво.
Нов систем за наводнување по „Кеј Македонија„

Постоечкиот систем за наводнување на потегот од градскиот плоштад до х.Палас, покрај пешачката патека по „Кеј Македонија„ е заменет со нов. Поставена е подземна инсталација на системот за наводнување и монтирани се 50 прскалки на овој потег.
Во жардињерите поставени пред центарот за култура „Григор Прличев„ засадени се цвеќиња од новата летна реколта.
Во скејт-паркот кај пешачката патека после каналот „Билјанини Извори„ вандали откорнале една од засадените палми и истата е најдена фрлена во близина.