Category Archives: АКТУЕЛНО
Зголемени активности за подигнување на окрекот
Деновиве заради засилениот југозападен ветар и процесот на скапување на алгата, службите на „Јавна Хигиена„ имаат зголемени активности за расчистување на градскиот кеј и крајбрежниот појас од натрупаниот окрек. На потегот од градското пристаниште до холандскиот парк секојдневно се подигнува окрек (околу 3 м3) и реса (4 м3), пришто покрај рачното расчистување, се користи и специјално возило за чистење на септички јами, со кое окрекот директно се вшмукува од езерските води. Активностите се извршуваат уште од раните утрински часови како не би им попречувале на прошетките на многубројните туристи.
Се расчистува појасот околу магистралниот пат Охрид-Св.Наум
Продолжуваат најавените акции за расчистување на мини-депониите, расфрланиот отпад и косење на тревата на просторот околу магистралниот пат Охрид-Св.Наум.Моментално екипите на Јавна хигиена и Јавно зеленило го расчистуваат просторот Охрид-Пештани, а во наредните денови ќе се продолжи до Трпејца, Љубаништа и Св.Наум.
Како што претходно објавивме, појасот околу магистралниот пат не е под наша надлежност, но по налог на Градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, а во интерес на граѓаните и туризмот, Ј.П.Охридски Комуналец ги реализира овие акции.
Денес се расчистуваше крајбрежниот појас во Даљан
По налог на Комуналната инспекција, денес екипите на Ј.П.„Охридски Комуналец„ го чистеа крајбрежниот појас во населба Даљан, на потегот од „Магнус„ до основното училиште Св.Климент Охридски во Даљан. Со овој простор стопанисува Министерството за одбрана, а е дадено на користење на Министерството за образование. На дел од просторот е поставен шанк, плажа со лежалки и други реквизити, но сепак никој не ја прифаќа обврската за одржување на хигиената на овој простор.
Акцијата започна во раните утрински часови, а беа ангажирани 8 општи комунални работници и 2 косачи. Целиот просотр беше расчистен од наталожениот отпад (во најголем дел пластични шишиња и хартија), а тревата беше искосена. Во акцијата беа подигнати 10 м3 отпад.
Известување за прскање на липите
Ј.П.„Охридски Комуналец„ ги известува граѓаните на општина Охрид, а посебно пчеларите, дека во ноќните и раните утрински часови помеѓу понеделник и вторник (24.07.2012 год.) ќе изврши прскање на дрворедите од липи на улиците „Партизанска„ и „Македонски Просветители„. Со прскањето ќе се третираат липите против лисна вошка со средството а.м.тиаклоприд 480 г/л. Се молат пчеларите да превземат соодветни превентивни мерки.
ЈП„Охридски Комуналец“ го чисти просторот покрај магистралниот пат на влезот во Охрид
Поради тоа што државното јавно претпријатие „ Македонија пат“ кое е надлежно да ги одржува магистралните патишта , пред почетокот на главната туристичката не си ја заврши работата , ЈП „ Охридски комуналец“ во договор со градоначалникот Александар Петрески“ започна со чистење на градежниот шут и друг цврст отпад покрај магистралниот пат од аеродромот до Охрид.
Екипите на ЈП „ Охридски комуналец“ вчера и денеска , со ангажирање на работници, машини за косење на трева, собирање и транспорт на цврст отпад , го расчистија потегот од аеродромот до надвозникот на почетокот на булеварот „ Туристичка “ при што се собрани 20 метра кубни отпад.
Акцијата продолжува и утре во близината на хотелот „ Магнус “ и на магистралниот пат до Свети Наум на потегот од Билјанини извори до туристичката населба Свети Стефан.
Контејнерите од Туристичка и Просветители ќе се дислоцираат за време на посетата на Бан ки Мун
Ј.П.„Охридски Комуналец„ ги информира граѓаните дека заради посетата на Генералниот секретар на Обединети Нации, Бан ки Мун, во деновите 23.07.2012 год.(понеделник), 24.07.2012 год. (вторник) и 25.07.2012 год. (среда), контејнерите од улиците „Булевар Туристичка„ и „Македонски Просветители„ ќе бидат дислоцирани од овие сообраќајници. Контејнерите ќе бидат поставени во блиските комплекси и споредни улици. Се надеваме дека граѓаните ќе имаат разбирање и апелираме во овие денови да не го депонираат несоодветно отпадот. За сите подетални информации им стоиме на располагање.
Акции за расчистување на локации кои се под туѓа ингеренција
Кога другата страна не си ги извршува работните задачи пропишани со закон, Ј.П.”Охридски Комуналец” по налог на Градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, а во интерес на граѓаните и туризмот, од утре ќе започне со широкоопфатни акции за расчистување на т.н. диви депонии на локации и места чие одржување не е во наша ингеренција. Овие грди слики оставаат негативен впечаток за Охрид како туристички центар, иако Локалната самоуправа многу вложува во туризмот и привлекување на странски туристи.
Во петок (20.07.2012 год.) ќе спроведеме акција за чистење на појасот околу магистралниот пат Охрид-Скопје, на потегот од сообраќајната клучка при влезот во Охрид до охридскиот аеродором “Св.Апостол Павле”. Ќе се расчистуваат мини-депонии од градежен шут и расфрланиот отпад, а исто така ќе се искоси тревата околу магистралниот пат. Ќе бидат ангажирани 20 вработени и специјална механизација.
мини-депонии од градежен шут на магистралниот пат
од Скопје при влез во Охрид
Во сабота (21.07.2012 год.) ќе спроведеме акција за чистење на крајбрежниот појас во населба Даљан, во близина на х.Магнус. Иако со голем дел од овој простор стопанисува правен субјект, никој не се грижи за одржување на хигиената, па затоа во сабота ќе се расчистува овој простор.
фотографии од расфрлан отпад –
крајбрежен појас Даљан каде стопанисува правен субјект
Од понеделник (30.07.2012 год.) Ј.П.”Охридски Комуналец” ќе ангажира свои вработени за одржување на јавната хигиена на појасот околу магистралниот пат Скопје-Св.Наум, на потегот од аеродором “Св.Апостол Павле” до Св.Наум.
Се надеваме дека со ваквите акции ќе се разбуди еколошката свест кај поединци и дека со овие грди слики нема да ги пречекуваме добронамерниците во најголемиот македонски туристички центар.
Сервисирање на системот за наводнување на “Кеј Маршал Тито“
Во текот на туристичкава сезона продолжуваме со хортикултурно средување на градските зелени површини. Деновиве се работи на сервисирање на системот за наводнување на тревниот дел покрај пешачката патека на ул.„Кеј Маршал Тито„ (потегот од пред „Дом на Култура„ до пресек со ул.„Јане Сандански„) каде се воведува систем „капка по капка„. Покрај тоа се средува дрворедот покрај оваа пешачка зона и се заменуваат цвеќата со нов саден материјал од сезонско цвеќе.
Функционираат само налето, не плаќаат ништо, а зад себе оставаат расфрлан отпад
Во текот на туристичкава сезона Ј.П.„Охридски Комуналец„ секојдневно се соочува со проблеми поврзани со одржување на јавна чистота на јавно-прометни површини во близина на објекти и штандови каде функционираат „фантом-фирми„. Имено. не е мал бројот на лесковачки скари, тезги, фрижидери со слaдолед, плажи, ноќни клубови и др., кои функционираат само два месеци (кога е летниот шпиц), без склучување на Договор со нашето претпријатие за подигнување на отпадот. Дел од нив функционираат само во вечерните и ноќните часови, а зад себе оставаат несоодветно депониран отпад и отпад кој е расфрлан по пешачките зони, тревни и други јавни површини. Ево како наутро изгледа пешачката зона по „Кеј Маршал Тито„:
Ги повикуваме надлежните инспекциски органи под најитно да превземат мерки против ваквите субјекти кои создаваат комунален неред во текот на туристичката сезона.
Интензивирани активности пред почетокот на „Охридско лето„
Пред почетокот на најзначајниот културен настан „Охридско лето„, нашите екипи се максимално ангажирани со средување на градот, при што посебен акцент е ставен на стариот дел од градот и местата каде ќе се одвива уметничката програма. Со овие вонредни активности Ј.П.„Охридски Комуналец„ дава свој допринос во залагањата за одржување на високо ниво на уреденост и хигиена во градот за време на одржување на манифестацијата. На улица „Илинденска„ старите садови за отпадоци се заменети со нови, се врши косење на тревата и хортикултурно одржување на зелените површини, а улиците и патеките детално се чистат и метат.
Поставени ќупови на различни локации
Ј.П.”Охридски Комуналец” продолжува со секојдневно реализирање на Проектот “Охрид град на цвеќето 2012” преку средување на постојните парковски површини и освојување на нови зелени катчиња. За таа цел поставени се околу 100 украсни садови со сезонско цвеќе (ќупови) кои ги красат тревните површини во градскиот парк, кружните токови и просторот околу спомениците.
Овие садови им овозможуваат на садниците да бидат украсни во вистинска смисла на зборот, а тревниците добиваат повпечатлива содржина, со што овие цветни аранжмани го оправдуваат епитетот “град на цвеќето”.
НЕКУЛТУРА=ИДИОТИЗАМ
Заради одржување на повисок степен на хигиена во туристичката сезона, Ј.П.”Охридски Комуналец” комуналниот отпад го подига во три смени, а дополнително има воведено двосменско подигање на кабаст отпад, градежен шут и зелен отпад. Континуирано во саботите организираме акции за подигање кабаст и зелен отпад, кои се точно прецизирани по датуми и реони, вметнати во годишниот календар за 2012 год. Но се’ е безуспешно, зошто постојано се повторуваат истите грди слики со расфрлан кабаст отпад, зелен отпад и градежен шут. Не очекуваме и оваа година Комуналната инспекција да го реши овој проблем, иако во општинскиот буџет се испроектирани средства за оваа намена.




















































