Category Archives: АКТУЕЛНО

Хортикултурното уредување на новиот кружен тек-ПОДАРОК ЗА ОХРИД

  Со привршување на градежните работи на новиот кружен тек на пресекот на булевар Туристичка со улицата АСНОМ, Ј.П.”Охридски Комуналец” започна со активности за хортикултурно средување на истиот. Ова ново зелено катче кое ќе го краси овој фреквентен кружен тек ќе биде подарок од Ј.П.”Охридски Комуналец” за градот Охрид. Ќе биде поставен систем за наводнување,  ќе се засадат украсни дрвца и сезонско цвеќе од сопствениот саден материјал. Со ова продолжуваме да го реализираме на дело проектот “Охрид-град на цвеќето 2012 год.”  

Скршена гранка од дрворедот од липи на ” Македонски Просветители “

 

Викендов се скрши гранка од дрво од дрворедот од липи на ул.”Македонски Просветители”, пред Основниот суд-Охрид. Причина за кршење на гранката е староста на дрвото и скапаното стебло. Екипите на “Паркови и зеленило” излегоа на терен и гранката е веднаш отстранета.

Ова не е прв пат  да се скрши гранка од дрворед од прометните улици во градот, па затоа е оправдана потребата од реконструкција на останатите дрвореди заради застареноста и оштетеноста на старите дрвја, како што се уреди дрворедот по „Димитар Влахов„.

Акција за кабаст отпад во населба „Црногорци„ (30.06.2012 год.-сабота)

          Ј.П.”Охридски Комуналец”-Охрид ги известува граѓаните на Општина Охрид дека на ден 30.06.2012 год.(сабота) ќе организира акција за подигање на кабаст отпад (душеци, стар мебел, телевизори, шпорети,теписони и др.)  во населба “”Црногорци”.

           Се молат граѓаните кои живеат на споменатите делови од градот доколку имаат ваков отпад да го извадат најкасно до 10.00 часот  и претходно да го пријават во Р.Е.”Механизација” на тел.046/265-353 со наведување на локацијата, за да може Ј.П.”Охридски Комуналец”  благовремено да го подигне.

            Ова ќе биде последна ваква акција пред летниот шпиц, а наредната акција е планирана за 01.09.2012 год. за „Стар Град„.

Дезинфекција на контејнери по „Булевар Туристичка„

Ј.П.„Охридски Комуналец„ синоќа изврши миење и дезинфекција на сите контејнери лоцирани на левата и десната страна од „Булевар Туристичка„. На оваа акција и претходеше детално расчистување на џебовите каде се сместени контејнерите. Акцијата се одвиваше координирано при што прво се празнеше поединечно секој контејнер, па се миеше, за на крај да се дезинфицира со прскање со специјално дезинфекциско средство. Целта на оваа акција е со превентивни мерки  да се подобри одржувањето на услужната хигиена во летниов период.

Се уредуваат најоддалечените места во Охрид

 

Минатата недела завршивме со хортикултурно одржување и уредување на јавните површини во крајбрежните населби почнувајќи од Свети Стефан до Љубаништа, а оваа недела во заедничка акција на Јавна хигиена и Јавно зеленило се уредуваат поодалечените населби и планински села како што се Куратица, Вапила,  Ливоишта, Опеница, Рамне, Велестово и др. Се врши косење на тревата и се расчистуваат јавно-прометните површини. Според динамиката на подигање на отпадот, а заради пододбрување на степенот на хигиена во руралните средини, отпадот се подига еднаш неделно.

Уништени ќупови во градскиот парк

Изминатиов викенд поради вандалско однесување на поединци беа уништени четири ќупови во градскиот парк. Ќуповите се искршени, расфрлани во тревникот, кејот и во езерото. Се прашуваме до кага ваквите девијантни појави ќе се повторуваат и ќе го деградираат изгледот на прекрасно уредените паркови. Апелираме до надлежните служби да превземат соодветни мерки и прекршителите да се санкционираат

 

 

Поддршка на фестивалот “Охридско лето”

Ј.П.”Охридски Комуналец” со свој допринос се приклучува во
залагањата за одржување на високо ниво на уреденост и хигиена во градот и просторот каде ќе се изведува уметничката програма на фестивалот “Охридско лето”. Со нашата поддршка, флексибилност и расположивост на нашите екипи и механизација ќе им излеземе во пресрет на потребите на овој реномиран фестивал кој преку врвните уметнички содржини од областа на музиката, театарот, оперската и балетската уметност, е репрезент на целокупната македонска култура и духовна историја.

Ќе се лоцираат објекти опфатени со “Охрид-град на цвеќето”

Од понеделник (11.06.2012 год.) стручни екипи на “Паркови и зеленило” ќе излезат на терен со цел лоцирање на приватните куќи, културно-научни установи и угостителски објекти кои ќе бидат опфатени со проектот “Охрид-град на цвеќето 2012 год.”. Целта на овој проект, како што и самото име кажува, е што поголем број на приватни и правни објекти хортикултурно да бидат уредени со цветни аранжмани на терасите и убаво уредени дворови, кои ќе го привлечат љупобитното око на туристите, кои оваа година ги има во голем број, а овие цветни разгледници ќе го промовираат Охрид во најразлични краеви од светот. Ќе се доделат околу 350 жардињери со сезонско цвеќе, а со стручните совети ќе им помогнеме на нашите сограѓани за што поубаво хортикултурно уредување на дворовите и терасите. Објектите кои ќе бидат избрани ќе се наоѓаат на фреквентни улици кои се посетувани од страна на туристите.

Новите контејнери за пластика-вовед во примарна селекција

Ј.П.”Охридски Комуналец” од денес започна со поставување на нови контејнери за депонирање на ПЕТ-амбалажа и друг отпад од пластика . За почеток се поставени 14 контејнери по “Булевар Туристичка”, а два во близина на прес-контејнерите во населба “Христо Узунов”. Садовите се со жолта боја , со заштитен капак на кој се наоѓа отвор за депонирање на пластичната амбалажа.

Се надеваме дека на овој начин ќе се надминат досегашните проблеми на обивање на ваквиот вид на контејнери и крадење на пластичниот отпад. Во наредниот период ќе се опфати поширокото подрачје на Општина Охрид каде ќе бидат поставени вакви контејнери. Со тоа на граѓаните им нудиме можност за примарна селекција на отпад и депонирање на отпад од пластика, хартија и друг комунален отпад.
Селектирањето на употребливите состојки на комуналниот отпад на местото на неговото создавање битно придонесува во квалитетот на урбаното живеење, намалување на количеството на отпад, а од друга страна носи економско-финансиски бенефити и ја зголемува свеста кај населението

Голем интерес за богатиот цветен асортиман

За сезоната што престои Ј.П. Охридски Комуналец произведе разновиден расаден материјал, како за сопствените потреби на Ј.П.”Охридски Комуналец” со кој се оформуваат и засадуваат градските парковски површини, така и за потребите на граѓаните и правните субјекти.

Покажан е голем интерес од хотелите, рестораните,правните лица за богатиот асортиман од сезонско цвеќе што се произведува во рамките на “Паркови и зеленило”.

Од богатиот асортиман го издвојуваме сега актуелното сезонско цвеќе од видовите петунија, газанија, бегонија, вербена, винка, агератум, импатиенс, салвија и др., потоа ружи (полианта, мини и класична) и голем број украсни садници и дрвца.

Градскиот парк и местата што се предвидени за цветни леи ќе се разубават со 30.000 садници од цветниот асортиман за истите да блеснат со сиот свој сјај и убавина во текот на целата туристичка сезона.